Вардар го победи Кил во Германија

Вардар втор најдобар тим според досега прикажаното во Лигата на шампионите

Со два гола во самиот финиш од мечот Вардар со 29:28 го победи Кил во Германија и со голем резултат се враќа во Скопје каде идниот викенд ќе се решава патникот за Келн.

Вардар оствари голема победа во првиот четвртфинален натпревар со Кил, македонскиот шампион со гол во самиот финиш ги совлада Германците.

Вардар одигра фантастично прво полувреме со многу моќна игра во одбраната кое го доби нашиот тим со 14:12.

Во второто полувреме голманот Ландин се разбрани, а тоа им даде крилја на ракометарите на Кил кои упеаја да направат пресврт и да го свртат натпреварот во своја полза.

Натпреварот имаше неверојатен финиш, Кил во последната минута имаше водство од еден гол разлика и напад, но не успеа да го реализира. Дибиров на 25 секунди пред крајот даде гол за изедначување на 28:28.

Кил тргна кон победа во последните секунди, но брзо згрешија, ја фрлија топката во аут, а од таму Македа шутна директно кон празниот гол за победа на Вардар од 29:28.

На овој натпревар Кил успеа да ги скроти бековите на Вардар но пикерите беа фантастични, Стоилов имаше пет гола од пет шута, толку погодоци постигна и Мораес, пет имаше и Чупиќ кој ги изведуваше пеналите, а Дибиров реализираше четири пат. Штербик имаше девет одбрани.

Вардар победи и оствари голем резултат, но се уште ништо не е готово, патникот на фајнл-фор турнирот ќе се решава во пеколна атмосфера во распродадениот „Јане Сандански“, натпреварот се игра во недела на 29. април во 17 часот.