Вардар го совлада Пик Сегед за приближување до четвртфиналето во ЛШ

Ракометарите на европскиот и македонски шампион Вардар и по неделата остануваат на првото место во Група А во Лигата на шампионите по победата со 34:30 (16:14) над унгарскиот претставник Пик Сегед и на две кола до крај на групната фаза е чекор поблиску до директен пласман во четвртфиналето на најсилното континентално натпреварување.

Ракометарите на Пик Сегед ги оправдаа предупредувањата од вардаровиот стратег Раул Гонзалес, и особено во првото полувреме покажаа дека умеат и да се одбранат и да реализраат во нападот, а кон средината на првото полувреме имаа и водство од еден гол. Вардар ја имаше иницијативата и водството, но не можеше да направи резултатски исчекор. Сепак, домашните ракометари на полувремето заминаа со два гола предност 16:14.

Вардар второто полувреме го започна со две интервенции на Арпад Штербик и сигурна игра во одбраната со што успеа да дојде до почувствително водство од „плус пет“ (21:16), иако во тој период играше со исклучен играч. Но Пик Сегед уште еднаш покажа дека цели на високи дострели на меѓународната ракометна сцена и набрзо го намали заостанувањето на само „минуса два“ (20:22). Во тој момент Гонзалес на голот го испрати Страхиња Милиќ кој со две добри интервенции продонесе Вардар повторно да се „одлепи“ на 24:20.

Сепак, по водството од 25:21 за Вардар, Пик Сегед повторно ги корстат сите грешки на домашните и намалија на само гол разлика (24:25). Потоа сѐ до две минути пред крајот двете екипи наизменично ги реализираа нападите. Тогаш уследија грешки и на двете страни, а откако по тајм-аутот, Пик Сегед реши да оди на „сз или ништо“ ги ограше нападите без голма, па од резултатот 31:29 Вардар умееше да го искористи тоа со две украдени топки по што реализираше, и да го приведе мечот до конечните 34:30.

Најефикасен во тимот на Вардар беше Тимур Дибиров со дури 11 погодоци, Лука Циндриќ постигна шест, а Данил Шишкарев пет.Кај ПИК Сегед најефикасен беше Иван Сршен со шест гола, а на голот Хозе Мануел Сиера забележа 13 одбрани.

По победата над ППД Загреб во саботата на домашен терен над Нант, Вардар доби голема шанса за пласман во четвртфиналето. Вардар до крајот на групната фаза треба да одигра уште два натпревара, на гости кај Нант и на домашен терен против Висла Плоцк, од кои му се доволни два бода со што ќе го зачува првото место во групата.