Вардар ја совлада Барселона

rkvardar.mk

Ракометарите на европскиот шампион Вардар и натаму се на чело на табелата во Групата А од ЕХФ Лигата на шампионите откако во саботата вечерта го декласираа тимот на Барселона со 27:24 (16:12).

Ова е втора победа по ред на Вардар над Барселона во лигата на шампионите, по онаа во полуфиналето во Келн, и прва во групна фаза од Лигата на шампионите. Во меѓувреме македонскиот првак беше поразен од Каталонците во Доха на полуфиналето од Супер Глоуб турнирот, но во саботата ја продолжи серијата победи во Лигата на шампионите.

Вардар започна со одбрана 5-1 одбрана со Кањељас на преден, Мораеш, Абутовиќ и Македа во одбрана, со Шишкарев и Дибиров на крилата. Во нападот само Абутовиќ се менуваше со Циндриќ и оваа постава се покажа како ефикасна. Македа беше изненадувањето во одбрана и напад, а на моменти и Кањељас, особено во одбранана која делуваше компактно, а нападот прецизен. Арпад Штербик имаше 10 одбрани, а изненадувањето на Раул Гонзалез беше Хорхе Македа.

Барселона на самиот почеток искористи некои наши промашувања за водство од 1:3, но Вардат играше смирено па брзо израмни. Сѐ до 13 минута беше и израмнет резултатот 6:6. Потоа следуваше серија од 5:0 со која „вардарците” отидоа на разликата 11:6, што се покажа како решавачки момент за натамошниот дел од натпреварот. Малку подоцна преку Македа во 25 минута Вардар првпат отиде на разлика „плус шест“ (15:9). Но Барселона со серија 3:1 успеа до крајот на полувремето да го намали големото водство на домаќинот на (12:16).

Вардар продолжи со истата игра и во второто полувреме и покрај повредата на Рожерио Мораеш кој доби удар во лицето и мораше да интервенира и лекарската екипа, а тој заврши во болница. Вардар доминираше во секој поглед на теренот, па ниту на моменти лошите судиски одлуки не ги деконцентрираа неговите ракометари. Неколкупати ја достигнуваа највисоката предност од шест голови и во второто полуврем, а кога Македа во 54 минута погоди за водство 25:19 веќе стана јасно дек абодовите ќе останат во Скопје. Во последните четири минути на Вардар му беа досудени три исклучувања.

Арпад Штербик мечот го заврши со 15 одбрани, Вуко Борозан постигна 6 гола, Хорхе Македа даде 5, а Лука Циндриќ и Тимур Дибиров по четири голови.

Игор Карачиќ првпат пред публиката во СЦ „Јане Сандански” во Лигата на шампионите сезонава. Се повреди пред дуелот со Нант и не настапи на претходните три натпревари од ЛШ. Сега влезе во игра во второто полувреме и постигна еден гол.

Вардар сега во групата има 9 бодови, еден повеќе од Рајн Некар и два од ПИК Сегед и Барселона.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.