Вардар мора да ја освои шампионската титула

Фудбалерите на Вардар ја стартуваа последната фаза од подготовките за новата клупска сезона која стартува на 3 август со дерби дуелот против вечниот ривал, екипата на Пелистер. 

Како и секоја година, така и оваа, шампионската титула ќе биде главниот приоритет на “црвено-црните”, а искусниот руски стручњак, Сергеј Андреев додаде дека се освен шампионска титула ќе биде дефинирано како голем неуспех.

„Со оглед на тоа дека имавме долги подготовки, задоволен сум од тоа како се одвиваа. Екипата е подготвена, а тоа го покажавме преку пријателските натпревари кои ги одигравме со многу квалитетни противници и одигравме доста добро на нив. Задоволни сме од новите засилувања и мислам дека одлично се вклопија во екипата и очекувам добра сезона за Вардар. Ќе потенцирам се освен шампионска круна за Вардар ќе биде неуспех“, изјави Андреев за официјалната интернет страница на ФК Вардар.

За време на летниот преоден рок, Вардар ги осигура услугите на репрезентативците на Македонија, Грнчаров и Глигоров, а “црвено-црниот” дрес го облекоа и Глишиќ, Љамчевски, Петковски, Кобетиќ, како и ерменските репрезентативци Хабмарџумјан и Дашјан.