Спорт

Вардар подобар од Металург, без пораз ја завршува сезоната

Вардар подобар од Металург, без пораз ја завршува сезоната

Сите досегашни средби меѓу двата најдобри македонски ракометни клубови, покрај големото ривалство и квалитетните претстави, носеле и незивесност, но во саботата вечерта на Вардар му требаа само дваесетина минути да покаже зошто е шампион и во СЕХА лигата и во ЕХФ Лигата на шампионите, па против Металург не само што ги освои бодовите со триумф од 31:24 (12:14), туку и покажа дека иако е веќе крај на годината тимот сѐ уште е во врвна форма.

Ова беше деветти триумф за Вардар во меѓусебните дуели со Металург со СЕХА лигатаи ја продолжи серијата од 16 натпревари без пораз во регионалното натпреварување и 15 триумфи по ред во 2017 година.

Ракометарите на Металург во градското дерби во СЕХА лигата влегоа без притисок свесни дека играат против европскиот првак и трикратен победник на СЕХА лигата. Тоа донесе поголема мотивираност кај неговите играчи кои лесно ги решаваа ситуациите во нападот. Од самиот поечток на средбата Металург имаше водство од два гола, што се провлекуваше низ целото прво полувреме. Гостите играа и поагресивно во одбрана, што се отсликува и од шесте пенали досудени во полза за Вардар, од кои првите два останаа нереализрани, но во следните четири Тимур Дибиров беше прецизен.

Во 17 минута Металург првпат имаше и „плус 3″ за водство 9:6. Се играше интензивно и со малку промашувања особено кај гостите. На нереализираните напади на Вардар, Металург враќаше со прецизна игра, па во 23 минута резултатот беше 13:9 за тимот од Автокоманда.

До крајот на првото полувреме Вардар заигра многу подобро, врза и серија од два гола по ред, па и со исклучен играч (Абутовиќ) во нападот се избори за пенал што Дибиров го реализираше за намалување на гостинското водство на 12:14.

Во второто полувреме Раул Гонзалес влезе со Лука Циндриќ на позицијата среден бек како единствена промена од составот што го почна натпреварот. Брзо стаса до шанса да израмни, но при резултат 14:15 и покрај одбраната на Арпад Штербик во напад направи техничка грешка, па Металург повторно се врати на два гола предност.

По ова, играчите на Вардар заиграа во побрз ритам, Дибиров во контранапад намали на 15:16 и изнудио исклучување на Илиќ. Потоа Шишкарев израмни и Вардар веќе ја презема иницијативата на теренот. Во 42 минута го зголеми водството на два гола предност (19:17), во одбрана заигра поцврсто принудувајќи го противникот да греши, а потоа во контран Шишкарев првпат му донесе водство на Вардар од три гола, 20:17. Истиот играч во 47 минута повторно погоди за ново водство од 22:18. По ова ракометарите на Металург, како да останаа без сила и идеи, па не може да ја пробијат домашната одбрана.

Во 50 минута Вардар ја имаше дотогаш најголемата преднсот од 25:18, а ниту исклучувања на Кањељас и Мораеш не му помогнаа на Металург да направи пресврт во играта, освен да се приближи на заостанување од 20:25. Но Вардар брзо одговори одејќи повторно на највисоката преднсот од 27:20, со што победникот веќе беше познат.

Металург во последните минути имаше серија од 3:0, која беше вратена од домашните, а со голот на Мартин Поповски од пенал Вардар ја врати највисоката предност од „плус седум” за триумф 31:24.

Натпреварот имаше и хуманитарен карактер. Приходот од продажбата на билетите од натпреварот беше наменет за операција за Борче Јовановски (16) кој мора итно да замине на операција во странство на трансплантација на коскена срж. Борче боледува од ретка генетска болест, Бета Таласемија и неговата здравствена состојба се влошува поради што е потребно да замине на лекување во странство.


Двата тима му посакаа побрзо оздравување и покрај дресот на Вардар што го доби пред почетокот на средбата, заеднички се фотографии со Борче.