Вардар преку соопштение му се заблагодари на АПОЕЛ

Челниците на Вардар преку клупско соопштение јавно се заблагодарија на водечките луѓе на АПОЕЛ за коректниот дочек и соработка за време на престојот во Кипар.

„Раководството на Вардар истакнува голема благодарност до раководството на АПОЕЛ за фер и коректниот дочек и соработка за време на престојот на нашата експедиција во Никозија. Жалиме што изолирани инциденти и транспарентите на трибините кои сакаа да иницираат провокација беа ставени пред коректноста на АПОЕЛ кои се покажаа како добри домаќини. Во секое лошо има и добро. А, тоа е кипарскиот тим кој уште еднаш покажа како треба да се пречекува еден тим во нивната земја. Од трансферот од аеродромот до хотелот, па од хотелот до стадионот, се беше одлично организирано и со полициска придружба се со цел нашите играчи и ние како раководство безбедно стигнеме до саканата дестинација. Воспоставивме и одлична соработка која ќе продолжи и во иднина. Благодариме АПОЕЛ и сега е редот на нас. Сега ние треба да вратиме на доброто домаќинство во Скопје. Ќе дадеме се од себе и Кипраните да наидат на истото гостопримство во нашиот град. Со нетрпение го чекаме реваншот во вторник“ – се вели во соопштението на македонскиот првак.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.