Вардар продолжува да гази во Лигата на шампионите – падна и Некар Ловен

Еден од најдобрите германски тимови последниве неколку години, тимот на Рајн Некар Ловен, не успеа да го положи тестот наречен “Вардар + Комити” и синоќа беше поразен во СРЦ “Јане Сандански” со резултат 28-25.

Ракометарите на Вардар на крилата на фантастичните навивачи успеаа да слават во “дербито” на вечерта во Лигата на шампионите.

комити

Токму и ракометарите и стручниот штаб на германскиот вице-шампион истакнаа дека иако Вардар е исклучително моќен тим, сепак публиката била таа која успеала буквално да ги “закопа”.

Сигурно еден од најсреќните по натпреварот беше тренерот Раул Гонзалес, кој претходниве денови постојано предупредуваше дека ова ќе биде исклучително тежок дуел.

„Задоволни сме од победата, игравме добра одбрана, Штербик беше одличен и ги реализиравме контра-нападите. Потешко беше во првиот дел, кога одбраната беше послаба, тогаш и нападите одea потешко. Ова беше тежок меч и успеавме да го добиеме но нѐ очекуваат уште. На гости нема да ја имаме оваа прекрасна публика и ќе биде потешко да освојуваме бодови“, вели тренерот на „црвено-црните“, Раул Гонзалес.

Инаку, двојната одбрана на Арпад Штербик беше прогласена за трета најдобра одбрана во 3-то коло од Лигата на шампионите, а голот на Наумче Мојсовски за втор најубав, веднаш зад оној на Матје Гребиј од Монпеље.