Вардар против Розенборг за историските бодови во Лига Европа

Македонскиот фудбалски првак Вардар во четвртокот ќе го одигра последниот меч во Лига Европа. Вардарци кои досега немаат освоено ниту еден бод, се надеваат дека конечно пред својата публика ќе успеат да го сторат тоа, бидејќи за противник го имаат Розенборг против кој на гостувањето во Норвешка загубија со 3:1, иако имаа и шанси да останат непоразени.

Еден од капитените на црвено-црните, Никола Глигоров, смета дека токму Розенборг е шанса за првиот позитивен резултат.

„Впечатокот кај сите нас, а мислам и кај јавноста, е дека ако Вардар има шанси да осои бод или три против некого во оваа група, тоа е Розенборг. Видовме и на натпреварот кој го загубивме во гости со 3:1, дека можеме да играме со нив. Примивме прво гол од пенал, вториот беше наивен, но ние се носевме рамноправно, шансите беа на наша страна, имавме статива. Сепак, ако мислиме дека ќе биде лесно се лажеме. Тие се квалитетна екипа, шампион на својата држава, редовен учесник во групните фази во Лигата на шампионите или во Лига Европа, па нема да биде лесно да се освојат бод или три. На нас е да го направиме клучниот чекор, да ја допишеме историјата, де не остане само дека сме учествувале во групната фаза“, изјави во средата Глигоров.

И неговиот соиграч од нападот Дејан Блажевски кој во Норвешка имаше голема шанса да постигне гол, а неговиот удар ја погоди стативата, се согласува дека токму Розенборг е тимот против кој Вардар со право може да се надева на првиот позитивен резултат.

„Мислам дека можеме, а сигурно ќе се обидеме да ги освоиме првите бодови, за да не останеме на нула. Мислам дека имаме големи шанси да успееме во тоа. Нема од се залетаме, од почеток, да тргнеме многу офанзивно, бидејќи доколку примиме први гол ќе биде многу потешко. Затоа очекувам како ќе минува времето, така да напаѓаме повеќе кон нивниот гол“, дополни Блажевски, стрелец на само еден од двата гола на Вардар во групната фаза на ЛЕ.

Дуелот Вардар – Розенборг кој е во рамките од последното 6.коло на Л групата ќе се игра в четврток со почеток од 21 часот и 5 минути, на националната арена „Филип Втори“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.