Вардар се излеа во гевгелиско и во валандовско

Зголемениот водостој на реката Вардар предизвика натамошно излевање на надојдените води на крајниот југ од течението, во непосредна близина на Гевгелија.

Покрај поплавените земјоделски површини кај Мрзенци, зголемениот водостој на

Вардар предизвика и поплавување на источното крајбрежје, во непосредна близина на македонско-грчката граница кај Милци.

Под вода се мото крос патеката и околното земјиште, каде што вообичаено при зголемен водостој на Вардар доаѓа до излевање.

Синоќа беше поплавена и платформата на дискотеката Де факто, која се наоѓа на источниот дел од крајбрежјето и тоа над самата река.

Во Општинскиот штаб за заштита и спасување објаснуваат дека состојбата постојано се следи, нагласувајќи дека освен на реката Вардар, на другите речни крајбрежја и одводни канали во општина Гевгелија нема проблеми. Бидејќи планинските води кои придонесоа надојдување на Серменинска и Мрзенска река веќе се повлекоа.

Реката Вардар се излеа и во валандовскиот регион кај село Марвинци и под село Јосифово и поплавени се истите површини од претходното излевање.

Сообраќајот на патниот правец Р1401 клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на река Вардар на сообраќајницата. Во Гевгелија и Богданци поради зголемената кота на течението на реката Вардар кај мерна станица во Демир Капија се очекува излевање на реката долж течението кај село Мрзенци и село Богородица на земјоделските површини но нема опасност за поплавување на објекти. Известени се надлежните структури за зголемувањето на котата на водостојот на Вардар.