Вардар со победа над Ловќен поблиску до Ф4

Ракометарите на Вардар денеска му гостуваат на Ловќен, во натпреварот од 16-то коло од СЕХА лига. Вардарци со двата порази по ред во регионалното натпреварување, од Војводина на домашен терен, како и од Нексе во Осиек, си го отежнаа патот до пласман на завршниот турнир во Нови Сад.

„Не’ очекува гостувањето против Ловќен на негов терен, но според мене тоа не би требало да биде никаков проблем, и мора да оствариме победа со која ќе ја вратиме самодовербата. Со новите три бода од овој натпревар, ќе бидеме чекор поблиску до завршниот турнир”, изјави тренерот Раул Гонзалез.

Десното крило во составот на РК Вардар Матјаж Брумен, кој е втор стрелец во екипата во СЕХА лигата, најави сигурна победа.

„По двата, според мене неочекувани порази, дефинитивно одиме на победа. Целта на Вардар во ова регионално натпреварување е јасна, а тоа е пласман на “фајнл-фор”турнирот и ние нема да отстапиме од тоа. На преостанатите три натпревари, заклучно со овој, очекувам да го потврдиме нашето учество”, изјави Брумен.