Вардар со Загреб ќе се загрева за Хамбург

Македонскиот ракометен шампион Вардар, утре во 18 часот во СРЦ “Кале” во последното коло од регуларниот дел во СЕХА лигата ќе го пречека тимот на Загреб. Вардарци на овој натпревар ќе се загреваат за 1/8 финалниот дуел во Лигата на шампиони со европскиот шампион Хамбург.

„Ова е важен натпревар за нас, иако нема некое посебно значење, затоа што двата тима се веќе на завршниот турнир. За нас ова ќе биде одлична проверка за натпреварот од Лигата на шампионите против Хамбург, кој се игра седум дена подоцна. Загреб е квалитетен тим, и добро е за нас што играат одбрана 6-0 и 5-1, слично како и Хамбург. Во моментов не ни е воопшто важно дали во полуфиналето од СЕХА лигата ќе играме против Татран или Загреб, затоа што и двете екипи се квалитетни, и двете ќе мораме да ги победиме за да ја освоиме титулата“, изјави Раул Гонзалез Гутиерез, тренер на Вардар.