Вардар стигна до 13-та титула во Купот на Македонија

Ракометарите на Вардар се победници на Купот на Македонија, откако попладнево во финалето во Битола го совладаа Металург со 30:26. Вардар е првиот и единствен тим со пет триумфи по ред во националниот куп.

Воедно „црвено-црните“ ја освоија четвртата двојна круна по ред и вкупно 13-та во Купот.

Двата натпревари од Купот на Македонија беа последни средби за Вардар пред настапот на Ф4 турнирот во Келн каде следниот викенд ќе се бори за одбрана на европската круна.

Поради правилото за максимален број на странски играчи Вардар во финалето беше без помошта на Арпад Штербик, Мијајло Марсениќ, Јања Војводиќ и Игор Чупиќ, но и тоа не го спречи на крајот да го освои трофејот.

Даинис Криштопанс беше прогласен за МВП на натпреварот, а најдобар голман беше прогласне Мартин Томовски од Металург. Филип Кузмановски и Халил Јагањац ја поделија наградата за најдобар стрелец.