Вардар супериорен против Динамо Панчево

Европскиот и македонски ракометен шампион со увбедливи 42:32 (20:17) славеше против тимот на Динамо Панчево во натпревар од СЕХА лигата.

Ракометарите на Вардар ја остварија и 13-та победа во серија во СЕХА Газпром лигата, славејќи со против фенерџијата Динамо Панчево со што поставија нов клупски рекорд и останаа единствениот тим во регионалното натпреварување со максимален учинок по седумте одиграни кола.

Очекувано, на овој натпревар Вардар настапи без неколку стандардни играчи, како Абутовиќ, Штербик, Борозан и Циндриќ, но нивното отсуство не се одрази зашто македонскиот клуб беше фаворит и натпреварот против Динамо Панчево требаше да претставува само загревање за претстојниот меч во сабота во Лигата на шампионите против Рајн Некар. Така, од самиот почеток шанса за играње доби Владо Недановски, а потоа и Јања Војводиќ.

Поради рејтингот и аустајдерската улога на Динамо Панчево, неговите играчи растоварени од резултатскиот императив сакаа да се покажат во добра светлина. Динамо дојде и во водство 2:4, и неколкупати предност од еден гол покажувајќи дека аутсајдерите никогаш не треба да се потценуваат. Сепак, разликата во квалитет беше очигледна.

Во 18 минута гостите останаа без играч откако Петар Зујовиќ направи груб прекршок над Јања Војводиќ и диби црвен картон, а Вардар при таа акција постигна гола, а во следниот напад уште еден за водство 11:9. Во 21 минута имаше позитива од 3 гола за водство 13:10 како најава за целосно преземање на иницијативата, темпото на игра и резултатската предност. Разликата се градеше стрпливо, но Динамо на секоја грешка возвраќање со гол одржувајќи неизвесност.

Динамо ваквото заостанување го одржуваше до средината на второто полувреме кога Вардар првпат направи предност од седум голови (30:23). Тоа беше период од средбата кога беше скршен отпорот на гостите, а Вардар најави дека нема да има неизвесност. Во 51 минута првпат имаше и осум гола предност (35:27), а потоа и 36:27. Првпат Вардар отиде на двоцифрена предност во 54 минута (38:28), а потоа следеше рутинска завршница.

Најефикасен ракометар од редовите на Вардар беше Михајло Марсениќ со седум погодоци, додека Иван Чупиќ и Хоан Канељас постигнаа по шест.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.