Вардар уште на стартот од ЛШ ја покажа својата моќ

Силниот Вардар со убедлива победа на гостувањето во Монпелје

Вардарци одиграа одлично во текот на целиот дуел, но особено “распалија” на почетокот од вториот дел, кога направија серија од 11:2 со што комплетно го “разбија” отпорот на домашните ракометари.

Од почетокот ништо не му одеше во прилог на црвено-црниот состав, почнувајќи од стативите на Дибиров во воведните минути, преку утнатите два пенала во продолжение, до грешките во нападот, кои му овозможуваа на Монпелје да го спроведе она што најдобро го знае – молскавичната контра.

По само 10 минути игра Вардар имаше еден постигнат гол, Монпелје запиша четири дотогаш, а неговиот голман Жерар веќе имаше пет одбрани. Французите играа многу активно и агилно во одбранбената зона и го спречуваа планираниот тек на топката на вардарци. Проблематичните напади го држеа Монпелје на три, или четири разлика, но за среќа и Арпад Штербик беше во елемент, со девет одбрани во првото полувреме, па на паузата беше “само” 12:9 за домаќините.

"Црвено-црните" уште на стартот од ЛШ ја покажаа својата моќ
“Црвено-црните” уште на стартот од ЛШ ја покажаа својата моќ

Сепак на стартот од вториот дел, “црвено-црните” на два пати направија серија од 5:1, со што успеаа да се “одлепат” од Монпелје. Французите повторно се обидоа да сторат нешто повеќе, успеаа и да се доближат, но Вардар го одби нивниот налет и славеше на ова незгодно гостување во Франција.

Дибиров и Македа беа најефикасни на мечот со по шест гола, Тоскиќ постигна пет, а Штербик заврши со 17 одбрани. Во второто коло од ЛШ, Вардар го пречекува ПИК Сегед, в недела во 17:30.