Вардар и Веспрем во борба за титулата во СЕХА лигата

Екипите на Вардар и на Веспрем ќе играат во финалето на СЕХА лигата, а победникот ќе го освои победничкиот пехар. Титулата ја брани унгарскиот шампион Веспрем, а според најавите оваа екипа нема да игра во следната сезона на ова натпреварување, додека се очекува две екипи од Словенија да бидат нови членки.

Оваа сезона двата дуела меѓу Вардар и Веспрем завршија без победник – 24:24 во Веспрем и 30:30 во Скопје. Вардар и Веспрем досега имаат одиграно осум натпревари Веспрем има пет победи, Вардар една и два дуела завршија нерешено.

Тренерот на Вардар Раул Гонзалез за ривалот и за финалето истакна:

– Ќе биде многу тежок натпревар и ќе мора да играме 100 проценти во текот на целиот дуел бидејќи ривал ни е Веспрем. Сакаме да победиме, но ќе биде тешко.

Веспрем потешко од очекувањето стигна до финалето откако по изведувањето на пенали беше подобар од Мешков Брест.

– Двете екипи се многу изедначени што покажуваат и резултатите од двата дуела оваа сезона. Ќе се подготвиме најдоборо што е можно, дека Вардар е екипа која игра се подобро, изјави во пресрет пред финалето тренерот на унгарскиот тим Хавиер Сабате.

Финалето почнува во 19 часот, додека во дуелот за 3.место како предигра ќе се одигра дуелот меѓу ППД Загреб и Мешков Брест.