Вардар во обид да го повтори успехот од пред 30 години

Момент од големата победа против Динамо Букурешт

Шансата на деценијата ја имаат вардаровите фудбалери, кои успеаа во Никозија да се одбранат и да донесат 0:0, па на Националната Арена „Филип Втори“ денеска имаат шанса да го продолжат походот кон групната фаза во Европа. Три децении претходно, една друга вардарова генерација ја оствари целта да остане подолго на меѓународна сцена. Во есента во 1985 година, Вардар првпат мина коло во Европа – падна Динамо Букурешт.

Скопје ја памети и првата европска победа од далечната 1961 година, кога црвено-црните славеа над Данфермлајн со 2:0, без оглед што од Шкотска се вратија со „петарда“. Петар Шулинчевски и Томе Јакимовски од вардаровата генерација, коај го освои првиот трофеј во клупската историја (Купот на Маршалот Тито во 1961) пред 74 години ја запишаа првата вардарова европска победа. По таа, Вардар на европска промоција чекаше 34 години, до Динамо Букурешт и шансата да се мине барем едно коло не ја прошушти.

Генерацијата со Дарко Панчев, Тони Савевски, Момчило Грошев, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, која две години подоцна ќе стане југословенски шампион и ќе игра во Купот на Европските шампиони (КЕШ), во Скопје на 2 октомври 1985 година успеа да го победи Динамо Букурешт со 1:0 и да се пласира во второто коло во Купот на УЕФА.

vardar2

Тогашната златна вардарова генерација во Скопје донесе „добар резултат“ – минимален пораз со даден гол (1:2). За да го минат првото коло, им требаше 1:0 и таа цел ја остварија, за да го дигнат Скопје на нозе. Гордан Здравков го постигна „златниот гол“ во 46-та минута за Вардар да обезбеди второ коло и првпат во историјата да мине една рунда во Европа. Во следната против Данди јунајтед, Вардар загуби на гости со 0:2, а играше дома реми 1:1.

vrdar4
Голот на Здравков против Динамо Букурешт за пласман во следното коло

Последен пат Вардар мина едно коло во 2003 година, кога еден гол ги делеше црвено-црните од настап во групите во Лигата на шампионите. Тогаш Вардар го мина Бери Таун, па потоа и ЦСКА Москва, која во тоа време беше на рамниште на сегашниот АПОЕЛ. Цели 12 години, армијата вардарови навивачи чека шанса за да се радува. Првата со БАТЕ Борисов пред три години ја пропуштија и покрај „добриот резултат“ од гости. И тогаш им требаше барем 1:0.

Грнчаров, Пачовски, Попов, Глигоров, Блажевски и останатите сега ја имаат истата шанса. АПОЕЛ вечерва да изгори во вулканот на „Филип Втори“ и да се повтори Динамо Букурешт. Нема вардарец што не посакува таква реприза, макар минимална победа со 1:0, за Скопје да збесне од радост и најтрофејниот клуб да обезбеди долго лето на европска сцена.

Извор: Спортмедиа