Вардар загуби од Шкупи во последното коло од првенството

Пораз на Вардар во последното коло за оваа сезона на гостувањето кај Шкупи на стадионот „Чаир“ во Скопје. 4:1 на крај беше резултатот, а на овој натпревар во екипата на Вардар имаше неколку дебитанти, односно тројца во првите 11, плус две резерви кои влегоа во клупата. Во една таква ситауција пресудно беше искуството на противникот кој што стигна до солидна предност уште по првото полувреме, а во вториот дел со уште еден гол само стави „печат“ на триумфот. За Вардар овој пораз ништо не менува, затоа што „црвено-црните“ остануваат на втората позиција на првенствената табела, и како вице-шампиони го завршуваат ова првенство.

Уште во првите секунди од мечот шанса имаше Шкупи преку Илијоски кој после една долга топка излезе сам пред Илиќ, но неговиот удар оди само над голот. Во 14. минута повторно Шкупи се заканува преку Имери, за Илиќ да одбрани а одбиената топка Стојкоски ја упати само крај голот. Во 24. минута Илијоски со глава се обидува само над голот.

Шкупи дојде до предност во 26. минута кога после една долга акција топката стигна до Јашароски кој од 22-23 метри со силен удар ја смести топката во горниот десен агол, патем таа закачи некој од играчите кои беа во шеснаесетникот.

Сепак, младите и неискусни Вардарци стигнаа до израмнување. Младиот Адем Али одлично се проби, стигна до 12-13 метри, и со одмерен удар го совлада Зендели. Сето тоа се случуваше во 34. минута.

Само шест минути подоцна, повторно Шкупи поведе. Центрира Малиќи од десната страна на првиот дирек каде што Илијоски од прва шутираше прецизно во горниот агол од голот на Вардар. Три минути подоцна и 3:1 за Шкупи по центаршутот на Вујчиќ од прекин, Јашароски од 6-7 метри само постави нога и ја смести топката во голот.

Вториот дел почна со шансата на  Јашароски кој шутираше само крај голот. Минута подоцна повторно Јашароски, брани Илиќ, одбиената топка доаѓа до Илијоски кој шутира покрај голот.

Шутот на Илијоски во 56. минута оди само крај голот, а во 77. минута уште еден гол постигнува Шкупи. Шабани се проби по десната страна, и шутираше прецизно во долниот десен агол од голот на Илиќ, зголемувајќи го водството во тие мигови.

Единствената прилика во вториот дел за Вардар ја имаше Попов во 81. минута кога шутираше од слободен удар само над голот. Во 83. минута последната шанса на мечот по ударот на Јашароски, брани Илиќ со крајни напори избивајќи само во корнер.

Вардарци сега одат на мала пауза, пред продолжување на летните подготовки за настапите во Лигата на Европа.