Вардар заслужи да остане со празни раце

Фудбалската завеса е спуштена и во македонската Прва лига. Шампионскиот пехар веќе ги краси клупските витрини на Работнички, но сега веќе завршената сезона најмногу ќе биде запаметена по очајната игра и по очајните резултати кои ги забележа најголемиот фудбалски бренд во нашата земја, Вардар.

Избраниците на Сергеј Андреев не само што не ја одбранија шампионската титула, туку во последното првенствено коло не ја исполнија ниту последната зацртана цел, триумф на гостувањето во Штип и освојување на четвртото место кое води во квалификациската рунда од Лигата на Европа.

Вардарци останаа и без титула и без Европа, но вината за овој неуспех прво мора да се побара во клупското раководство кое ангажира тренер со сомнително потекло и неколку просечни фудбалери кои беа ангажирани за време на зимскиот преоден рок.

Со ваков тренер и со ваков фонд на фудбалери, тешко дека ќе биде реализирана сега веќе необјективната изјава на новиот сопственик на ФК Вардар, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој пред неколку месеци изјави дека “црвено-црните” ќе ја одбранат шампионската титула и континуирано ќе бидат дел од групната фаза во Лигата на шампионите.

Фудбалерите на Шкендија го искористија големиот кикс на Вардар и со убедливата победа од 4:0 која ја забележаа во дуелот против битолскиот прволигаш Пелистер, обезбедија пласман во Лигата на Европа.

Второто по квалитет клупско натпреварување стана реалност и за фудбалерите на Хоризонт Турново и Металург, а збогум на елитното друштво кажаа фудбалерите на Напредок, Гостивар, Македонија ЃП и Еуромилк.

Резултати: Македонија ЃП – Металург 1:3

Шкендија – Пелистер 4:0
Брегалница – Вардар 0:0
Хоризонт Т. – Работнички 1:0
Еуромилк – Гостивар 0:0
Напредок – Ренова 0:0
Табела:
1. Работнички 33 18 8 7 66:35 62
2. Хоризонт Т. 33 18 6 9 61:33 60
3. Металург 33 16 11 6 48:29 59
4. Шкендија 33 16 9 8 53:32 57
5. Вардар 33 15 11 7 55:32 56
6. Пелистер 33 14 10 9 40:40 52
7. Брегалница 33 11 11 11 34:34 44
8. Ренова 33 10 14 9 42:46 44
9. Еуромилк 33 9 12 12 34:37 39
10. Македонија ЃП 33 9 5 19 40:56 32
11. Напредок 33 3 9 21 27:75 18
12. Гостивар 33 3 6 24 19:70 15

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.