Вардарци одат на победа и против ПСЖ

Македонскиот ракометен шампион Вардар,забележа уште една убедлива победа во Лигата на шампионите, совладувајќи го надомашен терен швајцарскиот Вакер Тун со 32:25. „Црвено-црните“ беа доминантни во текот на целиот натпревар, играјќи како во транс со поддршката на навивачите.Оваа победа ја подигна самодовербата кај ракометарите пред последниот дуел во групната фаза на гостувањето кај Парис Сен Жермен.

Тренерот Раул Гонзалез Гутиерез, најави дека и на последниот натпревар од групната фаза ќе одат на победа.

“Задоволен сум од пристапот на играчите во дуелот со Тун, кој не е слаба екипа, а тоа го покажа минатиот викенд, кога 25 минути беше рамноправен со Барселона. Вечерва бевме добри, посебно Карачиќ, а само поради неколкуте технички грешки во финишот не забележавме и поубедлив триумф. Во Париз одиме за да победиме и да се искачиме некое место погоре на табелата“, изјави Гонзалез.

Реваншот меѓу ПСЖ и Вардар ќе се одигра в сабота од 18 часот. Првата средба во Скопје заврши нерешено 24:24.
Вардар моментно е на третата позиција на табелата во групата со 10 бодови, исто колку што има четвртопласираниот Металург. Лидер е Барселона со 17 бодови, пред ПСЖ со 11 бода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.