Вардарци одиграа колку што беше потребно за победа над Кристијанштад

Играчите на европскиот ракометен шампион скопски Вардар на гостивањето кај Кристијанштад се вложија онолку колку што е потребно за да ја забележат новата победа во Лигата на шампионите, со 26:23 и со тоа го сочува врвот на табелата и се зацврсти со 11 бодови.

Ова беше петтата победа на Вардар во Лигата на шампионите, во кој македонскиот претставник покажа дека може да го контролира натпреварот без преголемо трошење на играчите. Несигурни беа само првите десет минути од натпреварот, кога европскиот првак тешко го наоѓаше патот до мрежата на Капелин, па губеше со 3:5 во 11 минута. Но, како што сезонава стана обичај, следуваше отрезнувачки тајм-аут на Раул Гонзалес и серија од 4:0, со којашто Вардар првпат поведе а потоа продолжи и до седум постигнати и само еден примен гол, за водство од 9:6 во 17 минута, а веќе 11:7 во 20 минута. По тој момент Вардар само ја зголемуваше разликата, барем до крајот на првиот дел кој го заврши со дотогаш највисоките пет голови разлика 15:10.

На стартот на вториот дел серијата продолжи до максималните плус осум (18:10) по само седум минути игра, а потоа Гонзалес го намали темпот, направи ротации во тимот и ги одмораше играчите, а потоа и ја тестираше ретко користената 6-0 зона во одбрана. Кристијанштад го имаше расположениот Капелин на голот, па со него ја стопи негативата и до крај дојде до само минус три, што беше најмала разлика во вториот дел.

Отсуството на Хорхе Македа фрли одговорност врз Даинис Криштопанс, а тој максимално ја прифати со седум постигнати гола, колку што имаа и Вуко Борозан и Тимур Дибиров. Арпад Штербик повторно беше стандарден на голот со 17 одбрани, Капелин на спротивната страна имаше две помалку.

Вардар сега има 11 бода, два бода повеќе од Барселона, која го совлада ППД Загреб со 32:22 на негов терен.

Во недела се среќаваат Пик Сегед и Рајн-Некар, па ако Германците не забележат победаслават, Вардар ќе ја задржи предноста од два бода, без разлика кој е зад него. Следниот меч е Загреб, на гости, на 11-ти ноември.