Спорт

Вардарци подготвени да испишат нова страница во македонскиот ракомет

Вардарци подготвени да испишат нова страница во македонскиот ракомет

Ракометарите на Вардар се пред историска можност да се пласираат на фајнл форот во Лигата на шампионите во Келн. Црвено – црните в сабота во 15.00 часот во СЦ “Борис Трајковски” ќе се обидат да ја анулираат негативата од првиот натпревар со германскиот Фленсбург (24:22) и да испишат нова страница во историјата на македонскиот ракомет.

“Играме важен историски натпревар како за тимот така и за Македонија. Морам да им се заблагодарам на играчите бидејќи тие се „виновни“ за ова што ни се случува. Изиграа многу добро во Германија, а сега имаме шанса која треба да ја искористиме за да се пласираме меѓу четирите најдобри екипи”, изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалез.

“Мораме да изиграме добра одбрана, но не можеме да менуваме многу во моментов затоа што ако направиме големи промени може да ни се случи нешто лошо. Ќе си ја играме нашата игра со максимално залагање од првата до последната минута,” додаде Шпанецот.

Капитенот Филип Лазаров, предупреди дека Вардар в сабота ќе полага тежок испит кој ќе треба да го положи и дека овој пат тимот има што да загуби.

„Ова ќе биде многу тежок испит за нас, можеби најтежок до сега каде професорот ќе биде многу строг и ќе бара многу точни одговори. Ние ќе треба да одговориме на тој предизвик бидејќи на прагот сме да испишеме историја. Овој пат влогот е голем и има што да загубиме, а тоа епласманот на фајнл форот во Келн,“ рече Лазаров.