Вардарки без право на грешка против Турингер

Ракометарките на ЖРК Вардар СЦБТ денеска (15.00 часот) го играат најважниот натпревар сезонава во Лигата на шампионите. Вардарки во рамките на претпоследното коло од главната фаза во Група 1 му гостуваат на Турингер, а овој натпревар може да биде решавачки за пласман на фајнл фор турнирот во Будимпешта, во зависност од резултатот од дуелот меѓу Савехоф и Митјиланд. Левото крило во “црвено-црниот” тим Сираба Дембеле, смета дека играта во одбрана ќе биде клучниот момент што може да го реши натпреварот против германскиот шампион.

“Натпреварот против Турингер може да реши многу работи во нашата група. Поради тоа, мора да одиграме максимално сконцентрирано во текот на сите шеесет минути и да не дозволиме пад во играта. Одбраната мора да биде на највисоко можно ниво и да напаѓаме преку добро изградени позиции. Очекувам и голманите да бидат на висината на задачата. Мислам дека можеме да оствариме позитивен резултат, кој ќе ни овозможи пласман на завршниот турнир”  изјави Дембеле.

Вардар е на втората позиција на табелата со 5 бодови, зад Турингер кој има 6 бодови. На третото место е Митјиланд со 4, а последен без шАнси за пласман на завршниот турнир е Сафехоф со еден бод.