Вардарки поразени во Русија

Тимот кој се бори сезонава за пласман на Фајнлфор завршницата во Лигата на шампионите, па дури и за самиот врв како што беше најавувано на почетокот од сезоната, ЖРК Вардар запиша уште едно катастрофално издание на гостински терен во групната фаза од ЛШ, заокружено со најтешкиот пораз сезонава, во Волгоград од Динамо Синара со 33-25 (15-12).

„Вардарки“ беа далеку од достоен противник на Русинките, иако квалитетно го почнаа мечот создавајќи предност од два гола во првите минути. Но, сето тоа траеше се до средината од првото полувреме, кога Динамо ја превзеде контролата на играта во своите раце стигнувајќи до предност и од пет гола (15-10). На крајот на првите 30 минути, нашиот тим, сепак, стигна до подносливи 15-12.

Но, дека „црвено-црните“ се надвор од форма отворено демонстрираше второто полувреме кога Динамо Синара водена од тројката бекови, Кочетова, Дмитријева и Акопјан тотално доминираше на паркетот.

Веќе во 42. минута се стигна до предност и од шест гола (21-15), а потоа се повеќе се зголемуваше предноста која во еден момент стигна и до девет негатива. На крајот се се сведе на тежок пораз од осум гола (33-25).

На „вардарки“ не им помогнаа ниту квалитетните одбрани на Лејно и Суслина кои имаа вкупно одбрани.

Победничкиот состав беше предводен од Кочетова со 9 гола, Акопјан постигна седум гола, а Дмитријева запиша четири гола. Седојкина на голот на Динамо имаше 11 одбрани.

Вардар во Волгоград го запиша и четвртиот пораз во Групата 1, по што остана на петтата позиција на табелата, која не носи во четвртфиналето од ЛШ. Сега „вардарки“ со 5 бода, имаат дури пет помалку од второпласираната Динамо Синара, а бод помалку од Турингер и Лајпциг.