Вардарки во Будимпешта “ќарија” два трофеи

Вардар од Будимпешта се враќа со два трофеи, еден за освоеното трето место, и уште еден, за најдобриот стрелец во Лигата на шампионките, оној на Андреа Пенезиќ.

Левиот бек на вардарки постигна 102 гола сезонава, исто колку и Романката во дресот на Будуќност, Кристина Неагу. Во финалето на ЛШ, Неагу застана на само три гола од девет обиди, со што првпат се случува во женската ЛШ да има двајца најдобри стрелци.

Но, колку што радоста е голема кај Неагу и Пенезиќ, толку е загрижен ЕХФ. Во индивидуалните награди предвидени за Ф4 турнирот, има само еден пехар за најдобриот стрелец.

Сега останува на снаодливоста на домаќините и ЕХФ, при промовирањето на најдобрите, да смислат како ќе ги наградат двете ракометарки. И се снајдоа. Наградата ја поделија, барем за фотографирање, двете ракометарки ја држеа топката со златна боја.

Втората индивидуална награда, за МВП на фајналфор-турнирот ја доби Клара Волтеринг. Германката на голот на Будуќност денеска и имаше 12 одбрани, а вчера против Вардар 14.