Варуфакис: Ако Грција излезе од еврозоната, ќе дојде до ефект на зараза

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека доколку Грција ја напушти еврозоната, ќе дојде до неизбежен ефект на зараза, пренесува МИА.

– Секој кој си игра со идејата за отсекување на делови од еврозоната надевајќи се дека остатокот ќе преживеат си игра со оган, изјави тој за една шпанска телевизија во интервју снимено пред десетина дена но емитувано синоќа.

– Некои тврдат дека остатокот од Европа се оградува од Грција и оти ЕЦБ има алатки на располагање со кои ќе ја ампутира Грција, ако тоа биде потребно, ќе ја санира раната и ќе и овозможи на остатокот од еврозоната да продолжи. Јас се сомневам дека тоа е така. Не само поради Грција, туку и за било кој дел од Унијата, рече Варуфакис.

Според него, еднаш кога идејата дека монетарната унија не е вечна ќе влезе во умот на луѓето, почнуваат шпекулации за тоа „кој е следниот“.

Коментарите на грчкиот министер за финансии се снимени пред изјавата на претседателот на Европската централна банка Марио Драги, кој изминатиов викенд рече дека еврозоната е подобро подготвена отколку што беше во минатото за да се справи со новата грчка криза, но предупреди на „непознати води“, ако ситуацијата се влоши.

Левичарската влада на Грција се обидува да преговара за договор со кредиторите од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд за да ја одблокира следната транша од помошта во вкупна вредност од 240 милијарди евра. Министрите за финансии на Еврозоната во четвртокот минатата недела и дадоа на Атина рок од шест работни дена да го претстави ревидираниот план за економски реформи. Министрите за финансии на еврозоната ќе се сретнат на 24 април за да одлучат дали ќе ги отклучат средствата за итни случаи за да ја одржуваат Грција во живот.