Варуфакис: Договорот со Еврогрупата е мал чекор за Грција

Договорот со Еврогрупата е мал чекор во нова насока, изјави грчкиот министер за финансии Јанис , коментирајќи го договорот што Атина го постигна со министрите за финансии од еврозоната со кој спасувачката програма за Грција се продолжува за четири месеци, пишува МИА.

Според Варуфакис, договорот ќе и овозможи на земјата повторно да изгради нови односи со партнерите од ЕУ.

– Четиримесечниот период ќе биде време во кое треба повторно да бидат изградени нови односи со Европа и Меѓународниот монетарен фонд, изјави тој.

Министерот истакна дека бил надминат „задушувачки краен рок“ и оти сега претстои „викенд на радост и креативност“.

– Сами ги пишуваме нашите реформи, рече тој.

Варуфакис прецизира дека Грција не користела никакви закани или блефови за да го добие договорот.

Атина со доверителите од еврозоната синоќа постигна договор за продолжување на заемот за спас на земјата, кој требаше да истече на 28 февруари, што се смета за чекор кој би требало да ја смири загриженоста дека Грција оди кон излез од еврозоната, коментираат аналитичарите.

Грција до понеделник вечер треба да достави список со мерки за реформи во областа на борбата против фискалните измами и корупцијата, како и на државната администрација.

За претседателот на Еврогрупата, Јерун Дејслеблум договорот е „мал чекор во процесот на враќање на довербата“ меѓу Грција и нејзините партнери од еврозоната и додаде дека тоа го отвора патот за стратегија за враќање на земјата на вистинскиот пат

– Довербата тешко се заработува и лесно се губи, истакна тој.

Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард исто така го поздрави договорот и изрази задоволство што „работата може да почне“.

Во меѓувреме се огласи и опозициската Нова демократија која истакна дека претходната влада до крајот на февруари ќе излезеше од меморандумот.

– Позитивна работа за договорот постигнат меѓу Грција и на Еврогрупата за економската програма на земјата, е што најлошото е избегнато, засега, изјави Костас Карагунис, портпарол на најголемата опозициска партија Нова демократија