Балкан

Варуфакис: ЕЦБ да го врати долгот кон ММФ

Варуфакис: ЕЦБ да го врати долгот кон ММФ
„Да“ на референдумот би значело оставка на Варуфакис

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека ќе побара од ЕУ да ги врати 1,9 милијарди евра профит на име на грчките државни обврзници кои се во посед на Европската централна банка (ЕЦБ) за Атина да може да го врати долгот кон ММФ, пренесе МИА.

Тој рече дека плаќањето на долгот кон ММФ на 30 јуни ќе зависи од флексибилноста на кредиторите.

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард ја исклучи можноста да биде дозволено одложување на исплатата на долгот на Грција кон фондот, рок кој изминува на 30 јуни.

– Кога зборувам за ММФ ја имам предвид меѓународната заедница. 1,6 милијарди долари треба да бидат платени до вторник до 18 часот, според американско време во Вашингтон. Тие пари припаѓаат на меѓународната заедница, што значи и на луѓе кои имаат понизок стандард од Грците. Се надевам дека уплатата ќе биде извршена до 18 часот во вторник, категорично порача  Лагард.

Таа уште оцени дека референдумот планиран за 5 јули нема правна сила, бидејќи предлозите на кредиторите важат до 30 јули и Грците на 5 јули ќе гласаат за предлози кои веќе нема да бидат во сила.