Балкан

Варуфакис: Еврозоната и Грција немаат право да не постигнат договор

Варуфакис: Еврозоната и Грција немаат право да не постигнат договор

Еврозоната и Грција немаат право да не постигнат договор, изјави денеска грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис по средбата на министрите за финансии од еврозоната во Рига, пренесува МИА.

Тој призна дека се бавни реформите во Грција.

– Причината за тоа е дека ние не сакаме да преземеме обврски кои не би можеле да ги исполниме… и обврски што Грците во целост не можат да ги поддржат. Договорот за следната транша од меѓународниот кредит треба да биде постигнат што е можно побрзо, бидејќи Грција нема време, посочи Варуфакис.

Претходно, претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум изјави дека Грција треба значително да напредува на планот со реформите, ако сака да ги добие кредитите.

Тој посочи дека на Грција и истекува времето во кое треба да обезбеди пари за да избегне банкрот.

Грција треба да достави список со реформи, кој ќе биде одобрен од европските партнери за да ги добие останатите 7,2 милијарди евра од спасувачкиот финансиски пакет.

Дејселблум ја исклучи можноста кредиторите да изнајдат компромисен договор, со кој Грција ќе добие дел од сумата за спас на економијата.

– Атина има вина за загубеното време за подготовка на програма за финансиска помош за Грција, истакна претседателот на Еврогрупата, додавајќи дека грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис бил критикуван на средбата.

Еврогрупата повторно ќе разговара за програмата за спас на Грција на 11 мај, на следната редовна средба во Брисел.