Варуфакис: Еврозоната ќе се распадне ако Грција излезе од неа

Доколку Грција биде принудена да ја напушти еврозоната, неизбежно е и други држави да го следат тој чекор и со тоа монетараната унија ќе биде уништена, изјави синоќа за РАИ министерот за финансии на Грција Јанис Варуфакис, пренесе МИА.

Тој додаде дека проблемот со долгот на Грција треба да биде решен во рамки на отфрлање на економските мерки во целата еврозона.

Варуфакис повика за  нова инвестициска програма финансисрана од Европската централна банка.

– Еврото е нестабилно, тоа е како да градиш дворец од карти – ако ја повлечеш грчката карта, останатите ќе се урнат, нагласи грчкиот министер за финансии.

– Еврозоната е под закана од фрагментација и уривање доколку не прифати дека Грција и не само таа е неспособна да го плаќа долгот во сегашните услови, додаде тој.

Варуфакис вели дека италијанските претставници му признале дека ја поддржуваат позицијата на Грција, но „не можат да ја кажат вистината бидејќи Италија е под закана од банкрот и тие стравуваат од реакцијата на Германија“.