Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изрази убеденост дека грчкиот предлог за продолжување на европското финансирање, што Атина јасно го разграничува од „меморандумот“ или сегашната спасувачка програма за Грција од 2010 година, што е задолжена со мерките за штедење, ќе биде изгласан на утрешното заседание на таканаречената Работна група на еврото (Euro Working Group), што е подготвителна инстанца на еврозоната, пренесе МИА повикувајќи се на информации од грчкото национално радио.
Официјална Атина се очекува денеска да го испрати своето барања до институционалните партнери од ЕУ. Извор од еврозоната за грчката агенција АНА-МПА изјави дека доколку денеска се испрати барањето, тоа ќе биде разгледано од Работната група на еврото.
Варуфакис, од своја страна, кажа дека очекува на заседанието на Работната група да се постигне решение, кое ќе ги задоволи и двете страни.
– Консултациите покажуваат дека има знаци за приближување во позициите. Верувам дека во петок грчкиот предлог преку телеконференциска врска ќе боде одобрен на заседанието на Работната група на еврото, дополни грчкиот министер за финансии.
Тој појасни дека грчкото барање за продолжување на европското финансирање денеска може да биде предмет на анализа на експертско ниво во Работната група, а решенијата за него да бидат донесени во петок.
– Нема друг избор освен останувањето на Грција во еврозоната, изјави еврокомесарот за економски и валутни прашања Пјер Московиси, истакнувајќи дека актуелната програма за Грција е програма за помош на земјата.
„Нема кредитен договор за Грција, туку има програма за давање финансиска помош за земјата“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.
Грчкиот владин портпарол Гаврил Сакеларидис изјави дека барањето на Атина за продолжување на европското финансирање ќе се потпира на текстот на спогодбата, предложен од Пјер Московиси.
фото: theguardian.com