Варуфакис: За неколку недели кризата во Грција ќе го достигне врвот

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис предупреди дека финансиската ситуација во Грција е исклучително итна и дека за  неколку недели кризата ќе го достигне врвот, јави Би-Би-Си, а пренесе МИА.

– Прашањето за ликвидноста е исклучително важно. Тоа е познато, да не заобиколуваме. Од временска перспектива зборуваме за неколку следни недели, изјави Варуфакис пред новинарите во Брисел.

Неговото предупредување доаѓа по состанокот на министрите за финансии на земјите од еврозоната во Брисел на кој беше разговарано за деблокирање на исплатата на останатата транша од кредитот на Атина во вредност од 7,2 милијарди евра. По завршувањето на состанокот, министрите порачаа дека официјална Атина оставрила напредок, но дека е потребно уште време и напори за надминување на разликите во останатите прашања.

Грција претходно оствари трансфер на 750 милиони евра вредната транша камата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), на ден пред истекот на крајниот рок.

Рокот за постигнување на договор меѓу кредиторите и Грција е крајот на јуни, кога на Атина и истекува постоечката програма за спас. Финансиите на Грција моментално се во лоша состојба, до толку што во еден момент беше принудена да бара помош од јавни ентитети, наведува британскиот јавен сервис.

Грција во следниот период има повеќе доспевања за исплата на долг. Само во јуни Грција треба да плати на ММФ уште 1,5 милијарди евра, а на Европската централна банка три милијарди евра во јули и август.