Вашингтон вознемирен: Украинските воени хеликоптери се урнати со напредно оружје

Белата куќа денеска изразила длабока загриженост бидејќи про-руските сили во Украина користеле оружје донесено однадвор, со кое ги уриваат украинските воени хеликоптери.

„Вознемирени сме од продолжувањето на насилствата во источна Украинаа, вклучително и извештаите дека сепаратистите собориле украински воен хеликоптер. Сега сеуште неможеме да ги потврдиме деталите од извештаите, но длабоко сме загрижени на укажувањата дека сепаратистите имаат пристап до софистицирано и напредно оружје и помош однадвор“, изјавил портпаролот на Белата Куќа, Џеј Карни.

Вршителот на должноста претседател на Украина, Олександр Турчинов, тврди дека е користено оружје од типот преносен против-воздушен систем од руско производство, објави новинската агенција „Франс прес“, пренесува Нетпрес.

Инаку, како што е веќе објавено, воен украински хеликоптер Ми-8, беше урнат вчера со софистицирана ракета земја-воздух, а меѓу загинатите е и еден генерал на армијата на Украина.

Портпаролот на Белата куќа наговестил дека Русија би можела да ги поттикнува сепаратистичките сили во Украина и изразил загриженост за тимот набљудувачи на ОБСЕ, кои сепаратистите во Славјанск, во регионот Доњецк, ги држат како заложници.

„Неприфатливо е набљудувачи да бидат заробени. Треба веднаш да бидат ослободени. Апелираме до Русија да го искористи своето влијание врз тие групи набљудувачите да бидат пуштени, да се разоружаат и да се вклучат во политички процес“, навел Карни.

Про-руските сили, инаку, и официјално потврдија дека држат во притвор тим на набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, наведува АФП.