Василево доби нова детска градинка

Во општина Василево денеска беше пуштена во употреба нова детска градинка која ќе згрижи околу 70 дечиња.

Градинката „Прва радост“, во употреба ја пуштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заедно со градоначалникот на општина Василево Ване Стојанов.

gradinka_2

-Задоволство е кога се завршуваат вакви инфраструктурни објекти кои им биле ветени на граѓаните со кој се подобрува животот и во посиромашните места. Во оваа градинка ќе бидат згрижени околу седумдесетина дечиња од предучилишна возраст, со што ќе им се помогне во животот на младите родители. Градинката е направена со средства од ИПА програмата, преку Министерството за труд и социјална политика и општината и на тој начин решивме едно битно прашање од животот на овие граѓани, истакна Ставревски и додаде дека, Владата е подготвена да и даде поддршка на општината Василево за проекти кои се важни за развојот на општината.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, потенцираше дека Министерството ќе продолжи да ги реализира активностите од владиниот проект за изградба на 40 детски градинки во државата.

-Ова е деветата градинка по ред која годинава ја пуштаме во употреба. Ми претставува задоволство што општина Василево ја добива првата градинка во која ќе бидат згрижени 70 дечиња, кои добиваат квалитетни услови за згрижување и воспитување. Градинката ја опреми Министерството со средства во висина од 3,5 милиони денари, рече Спасов.

gradinka_3

Реализацијата на овој проект за градоначалникот Ване Стојанов е доказ дека општинската администрација е подготвена и располага со капацитет за реализација на уште поголеми потфати.

-Ова градинка е придобивка за сите жители, а пред се за децата. Ова е голема помош на младите родители кои нема да губат време во згрижување на нивните деца. Општина Василево конкурира со проект на ИПА програмата и без ниту една грешка во целост го реализира, со што докажа дека има капацитет за реализација на уште посложени проекти, изјави Стојанов.