Василевски: По 20 години, Охрид конечно добива две нови фабрики

Денес во законодавниот дом на Република Македонија започна 72-та седница наменета за поставување на пратенички прашања до претставниците од Владата на Република Македонија.

Оваа седница за пратенички прашања започна со образложување на пратениците во врска со добиените писмени одговори од страна на Владата. Во врска со писменото пратеничко прашање кое пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски на една од изминатите седници го имаше упатено до премиерот на Република Македонија Никола Груевски, даде свое образложение и мислење во врска со добиениот одговор, а потоа до премиерот Груевски постави и едно дополнително пратеничко прашање.

Пратеникот Сашо Василевски на почетокот од своето образложение за добиениот одговор упати голема благодарност до Владата во врска со, како што рече тој, многу важна и значајна странска инвестиција на една од најреномираните германски компании ОДВ Електрик во охридско – струшкиот регион која веќе започна со градба.

После долги години на мачна и криминална транзиција во охридско струшкиот регион имаме реална можност за вработување на 1000 лица, нагласи пратеникот Сашо Василевски.

Во продолжение од своето излагање Василевски пред пратениците и јавноста истакна дека ваква слика какво што има сега во Охрид немало 20 години односно дека во минатото СДСМ ништо нема направено во Охрид кога станува збор за отворање на нови фабрики.

Пратеникот Василевски до премиерот Груевски упати и дополнително пратеничко прашање во врска со уште една странска инвестиција планирана за овој регион.

До каде се активностите околу втората инвестиција Костел, која е втора значајна инвстиција во охридско – струшкиот регион, со кој околу 1.250 охриѓани и стружани значително ќе си ја најдат својата иднина, праша пратеникот Василевски.

На ова прашање, премиерот Груевски веднаш одговори и нагласи дека во наредниот месец ќе следи потпишување на договорот со оваа компанија и дека веќе се утврдуваат датумите, но како што кажа тој, не би сакал подетално да објаснува се додека самата компанија не реши да го објави тоа. Сепак премиерот Груевски на крајот истакна дека Костал веќе ја има започнато процедурата за започнување на својата инвестиција со браунфилд инвестиција односно во веќе постоечка хала и дека набргу се очекува тоа да биде објавено.