Македонија

Василичарски оган во Мичурин по 19-ти пат

Василичарски оган во Мичурин по 19-ти пат

Во присуство на стотици граѓани вчера, во централниот парк во населбата Мичурин по деветнаесетти пат се одржа традиционалната „Мичуринска средба“, што ја организира истоименото здружение на граѓани под покровителство на Општина Аеродром.

Традиционално како и секоја година одбележувањето на празникот Василица почна со молитва за мир и кршење василичарска погача со паричка за среќа, по што новиот кум го запали василичарскиот оган. Годинава паричката падна кај стариот мичуринец Ѓоко Гаштаров, кој го презеде кумството од минатогодишниот кум Маноли Џингов.

Во рамките на прославата на големиот православен празник „Свети Василиј Велики“, меѓу народот познат како Стара нова година, се одржа богата музичка програма, а за време на манифестацијата се послужуваше топол чај, сокови, греена ракија, вино и сендвичи.

На Мичуринската средба присуствуваа градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и голем број истакнати лица од политичкиот и стопанскиот живот во Република Македонија.

Општина Аеродром ќе продолжи да ги поддржува ваквите културно-забавни манифестации сè додека народот покажува интерес за тоа, како што е случајот со „Мичуринската средба“, која од маалско дружење прерасна во масовна традиција за дружба не само на Мичуринци, туку и на граѓани од други населби и општини.

Исто така, Општинскиот противпожарен сојуз „Аеродром“ во рамки на „Мичуринската средба“ одржа кампања за заштита од пожари и за време на акцијата на граѓаните им се делеа флаери со едукативна содржина за опасностите од пожар,

Целта на кампањата е да се едуцираат граѓаните како да постапат со огнот, кој претставува традиционален начин да се прослави овој голем христијански празник, а воедно претставува и потенцијална опасност за настанување пожари.

Micurinska 13.1.2015 (14) Micurinska 13.1.2015 (22) Micurinska 13.1.2015 (27)