Вашингтон: Невремето остави без струја над 200.000 домаќинства

Силното невреме кое вчера ја зафати сојузната држава Вашингтон остави без струја над 200.000 американски домаќинства.

Невремето што во овој регион беснееше со часови, уништило многу далноводи. Само во Сиетл, најголемиот град во оваа држава, без струја останале речиси 50.000 згради. Има информации дека ветрот соборил дрвја и однел покриви на десетици стари објекти.

Заради лошото време властите наредија привремено да се затворат неколку локални автопатишта.

Според податоците на весникот „Сиетл тајмс“, бурата веќе зела најмалку една жртва. Во градот Сиетл дрво паднало врз паркиран автомобил со две лица во него, маж и дете. Мажот загинал на самото место, а детето минало со полесни повреди.

Синоптичарите прогнозираат дека времето во регионот наскоро ќе се подобри.