Васко Наумовски тргнува во САД, ќе ги интензивира односите меѓу двете земји

Во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, се одржа завршен разговор со Васко Наумовски, пред неговото упатување на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Соединетите Американски Држави.Разговорот го водеше министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Во рамките на своето излагање, амбасадорот Наумовски се осврна на внатрешните состојби, како и надворешно-политичките приоритети на актуелната американска Администрација. Притоа, посебен акцент стави на предизвиците и идните планирани активности во неговата мисија, со цел унапредување на билатералните односи и сèвкупната соработка, како и обезбедување на зајакната поддршка од страна на Соединетите Американски Држави за евроатлантските интегративни процеси на нашата држава, особено во рамките на НАТО.

Воедно, беа нагласени очекувањата за натамошен успешен развој на односите меѓу двете пријателски земји, кои ги карактеризираат стратешко партнерство и меѓусебно разбирање. Меѓу позначајните домени за соработка, кон кои ќе биде фокусирано македонското внимание, беа наведени одбранбената, парламентарната соработка со американскиот конгрес, динамизирањето на трговската размена и привлекувањето на директни американски инвестиции, здравството и образованието, соработката со дијаспората, но и напорите за либерализација на визниот режим на САД кон граѓаните на Р. Македонија.

Министерот Попоски ги резимираше произнесените мислења и даде свои видувања и насоки за делување во контекст на успешно обавување на функцијата која што му е доверена на Амбасадорот Наумовски.