Ватикан ја призна државата Палестина

Ватикан и официјално ја призна државата Палестина, објави новинската агенција „Асошиејтед Прес“, пренесува Нетпрес.

Според договорот, кој бил објавен доцна вчера, а кој сеуште не е потпишан, Светата столица ќе воспостави дипломатски односи не со Организацијата за ослободување на Палестина, туку со државата Палестина.

Во однос на признавањето на Палестина, Ватикан се повикал на одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации од 2012 година. Инаку, договорот за признавање е првиот правен акт меѓу Светата столица и државата Палестина.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе се сретне со папата Франциск во сабота, пред канонизирањето на двајца нови светци од Светите земји.

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Емануел Нашон, ја оцени одлуката на Ватикан како „разочарувачка“.

– Разочарани сме од одлуката на Ватикан. Освен тоа, сметаме дека овој чекор нема да помогне за враќање на Палестинците на масата за преговори, рекол портпаролот Нашон.