Ватикан ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица на 4. септември

На 4-ти септември во Ватикан на миса што ќе ја предводи папата Франциск, ќе се случи канонизацијата на Мајка Тереза, односно нејзиното прогласување за светица.

Секако ова не само што е голем чин за Република Македонија како земја во која се родила Агнеза Гонџа Бојаџиу туку е свет чин и за Римокатоличката црква која го препозна нејзиното чудотворство, и за светот општо. Македонија и Скопје се поклонуваат пред ликот и делото на Мајката на дваесеттиот век како што ја нарекуваа, и затоа со пригодни свечености ќе се приклучат кон овој свет и светол чин, а се работи и на програмата на таканаречената Татковинска прослава насловена како ,,Месец на Свети Мајка Тереза“.

На канонизацијата во Рим, за која декретот од страна на папата беше потпишан во март годинава, ќе присуствува Претседателот Ѓорѓе Иванов кој по повод националниот празник на Република Македонија Илинден апелира настанот сите во земјава да ги издигне над секојдневните политички тензии.

Црковно-државната програма за чија координација се задолжени Католичката црква во Скопје и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, предвидува голем број активности од свечени академии во Ману и во Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј,, изложби, молитви, разно разни поетски и духовни средби , прогласување на куќата каде се родила Гонџа Бојаџиу, за светилиште, изложба на фотографии и текстови на Мајка Тереза во Рим. На свеченостите чија централна манифестација ќе се случи на единаесетти септември на плоштадот Македонија, ќе присуствуваат голем број бискупи од регионот како и папски претставник.

Мајка Тереза целиот живот им го посвети на сиромашните и болните, за нив го формира и редот на милосрдието во Калкута далечната 1950-та година кој се прошири преку шестотини мисии во 120 земји со над пет илјади сестри. За своето огромно дело во корист на човекот, таа е и добитник на Нобеловата награда за мир во 1979 година,а за блажена од страна на Ватикан е прогласена во две илјади и третата година или по шест години од нејзината смрт, по што се отвори патот за прогласување светица за што беа потребни две чуда. Светата столица како чуда ги препозна исцелувањето на тумор на абдомен на Индијката Монице Бесре која тврдела дека медалјонот со ликот на Мајка Тереза која го чувала до себе почнал да зрачи сноп бела светлина по што била излекувана и Бразилец кој бил спасен од смртоносна мозочна болест разбудувајќи се од кома непосредно пред опеарција со сите исчезнати симптоми на болеста. Докторите тврделе дека во нивната долгогодишна кариера немале случај што и со операција се излекувал од оваа болест. Блиските на Бразилецот рекле дека постојано и се молеле на Мајка Тереза.