Ваучери за новороденчињата од Кисела Вода

По јубилеен 10-ти пат,на новите родители од општина Кисела Вода им беа јавно доделени ваучери за нивните новороденчиња. Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ, во чиј мандат беше донесена одлуката за помош и стимулација на жителите на општината кои одлучиле да го прошират своето семејство, упати јасна порака дека општина Кисела Вода се грижи, и понатаму ќе продолжи да се грижи за своите најмали жители и дека ваучерите во вредност од 6000 денари ќе се доделуваат се до крајот на нејзиниот мандат.

„Семејството е главниот столб за опстанок на еден народ, за градење на едно здраво и силно општество. Со досега доделените 463 ваучери, сметаме дека ние, како локална самоуправа, правиме чекор напред во надминувањето на глобалниот проблем, падот на наталитетот, кој и во Македонија е голем проблем,“ истакна Беличанец-Алексиќ.

Честитајќи им на новите родители, истакна дека денес се доделуваат 37 ваучери за новородени деца, од кои 19 се машки, а 18 женски. Воедно, ги повика сите родители кои ги исполнуваат условите, да ја достават потребната документација до општинските служби за и тие да можат да подигнат еднократна парична помош.