ВАЖНО: Препораки од Агенцијата за храна за населението во поплавените реони

Агенцијата за храна и ветеринарство објави препораки до населението во поплавените подрачја во Македонија за заштите од зарази, и за употреба на храна и вода за пиење.

Нетпрес интегрално ги објавува препораките на АХВ.

ПРЕПОРАКИ ЗА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ПОПЛАВЕНИТЕ РЕГИОНИ ЗА ЗАШТИТА ОД ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ КОИ СЕ ПРЕНЕСУВААТ ПРЕКУ ХРАНАТА И ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ

– Да се следат информациите за водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење.

– За пиење, за подготовка на храна и за одржување на лична хигиена, да се користи само пакувана вода или вода за пиење од цистерни која ја доставуваат јавните водоснабдителни претпријатија.

– Резервите вода наменети за употреба задолжително да се превријат најмалку 15 минути.

– Водата да се хлорира на соодветен начин, или од страна на стручно лице.

– Заматената вода да не се користи за пиење и за готвење, се до потврда на нејзината безбедност со лабораториска анализа.

– Ако водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводида се изврши превентивна дезинфекција на водата.

– По контакт со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, задолжително измијте ги и дезинфицирајте ги рацете.

– Заштитете ја готовата храна да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води.

– Храната која била во контакт со водата од поплаватада не се користи за исхрана, туку да се фрли.

– Да се дезинфицираат сите работни површини, приборот за готвење и јадење.

– Храната да се подготвува со безбедна вода, задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови.

– Овошјето и зеленчукот кое обично се користи сирово, дополнително да се измие во млака вода, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи.

– Малите деца да се хранат со индустриски подготвена храна.

– Без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени во случај на елементарна непогода и да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните.

ПРЕПОРАКИ ЗА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ПОПЛАВЕНИТЕ РЕГИОНИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПОПЛАВИ

– Животните да се префрлат на безбедна локација и да им се обезбеди храна, вода и засолниште.

– Ако се држат врзани, треба и да се отворат вратите од боксовите и шталите за да можат животните да побегнат.

– Храната за животните треба да се складира и префрли на безбедно и суво место, а по можност да се складира и свежа вода во херметички затворени резервоари, цистерни,   буриња).

– Животните треба да бидат обележани. Ако говедата, овците и козите и свињите не се обележани, сопственикот може привремено да ги обележи за да можат да се идентификуваат во случај да се изгубат.

– Фармскиот регистер и податоците за животните да се складираат на безбедно и суво  место.

– Доколку во поплавените подрачја нема свежа и безбедна вода, на животните може да им се даде да пијат дождовница). На животните не треба да им се дава да пијат од поплавената вода.

– Потребни дневни количини вода за животните: за говеда 30-50 литри, коњи 20-45 литри, свињи 4-12 литри, овци и кози 6 литри, живина 0.5 литри.

– Одгледувачите на животни да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање на ветеринарно медицинска грижа.

– По поплавата, прво треба механички да се исчисти надојдениот отпад, да се изврши дезинфекција и дезинсекција.

– Животните треба да се вратат во фармите кога објектите се безбедни, чисти и суви и по консултација и дозвола од надлежен ветеринар кој треба да ја провери здравствената состојба на животните.

– Доколку се наиде на мртво животно треба да му се запише бројот на ушната маркица или идентификационата ознака.

– Лешевите од животните треба нештетно да се отстранат по претходна консултација со надлежните лица.

– Животните кои не се во добра здравствена состојба, кои патат и страдаат, во консултација со надлежен ветеринар треба да се убијат на хуман начин.