Вчера го отворија, а денес мини аква паркот во Ниш е затворен – се исекле три деца

Делот од мини аква паркот во Спортскиот центар „Чаир“ во Ниш е затворен поради тоа што одредени посетители се здобиле со посекотини, изјави директорот на „Чаир“, Драган Периќ, пренесува Б92.

Рекреативниот, олимпискиот и детскиот базен ќе работат како што е планирано.

Според неговите зборови, три деца и една возрасна личност се здобиле вчера со помали посекотини на делот од „мрзливата река“ и таа веднаш е затворена.

Тие се повредија на решетките што се наоѓаат на дното. Решетките веднаш ги пративме кај изведувачот на работите на преправка, а побаравме и објаснување како е можно да сме го добиле базенот како исправен а имаше недостаток, вели Периќ.

Како што објаснува тој, со повреди се здобиле посетителите што не ја почитувале процедурата за престој на „мрзливата река“.

„Мрзливата река“ треба да се помине на гума, лебдејќи. Меѓутоа, очигледно на некои тоа им било премногу бавно па се симнувале од гумите во водата и оделе по дното, нагласува тој.

Периќ рече дека денес ќе ги прими сите посетители што се здобиле со повреди за лично да им се извини и додаде дека сите посетители на „Чаир“ се осигурани.

Мини аква паркот и рекреативниот базен вчера беа отворени од градоначалникот на Ниш Зоран Перишиќ, кој рече дека во реконструкцијата на затворените базени и изградбата на мини аква-паркот градот вложил 140 милиони динари.