Вчера почна „Баскерфест 2015“

Јубилејното издание на Фестивалот на уличен театар под отворено небо – Баскерфест 2015 кој годинава во Скопје ќе трае од 12 до 21 јуни започна вчера на плоштадот Филип Втори.

Град Скопје е покровител на Манифестацијата „Баскерфест“, а Фестивалот за отворен официјално го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Годинава Баскерфест го прославува 10-от роденден и по тој повод подготви одлична баскер програма со жонглери, брејкденсери, куклен театар, одење по жица,  перформанси со оган и многу други точки за нови уживања надополнета со музика, не само за скопјани, туку и за цела Македонија. На Фестивалот во Скопје  за време на викендите ќе има две бини, а во работните денови три, каде што уличните уметници ќе ги изведуваат своите точки во текот на денот, а во вечерните часови на истото место планирани се настапи на повеќе музички групи од странство и од земјава. За оваа година најавени се голем број изненадувања за љубителите на овој театар и учество на околу 100 баскер изведувачи од целиот свет, меѓу кои и артисти од Чиле, САД, Куба, Албанија Србија, односно учесници од 23 земји, секој од нив атрактивен на свој начин, а покрај уличните артисти, како и секоја година тука се музичките настапи во Пивската градина. Ги поканувам граѓаните на Скопје да дојдат и да уживаат во претставите на театарот под отворено небо – истакна градоначалникот Трајановски.

vtori1

Годинава новитет е тоа што за првпат секојдневно ќе има и детска креативна работилница каде што најмладите посетители ќе имаат можност да се дружат со баскер изведувачите, да се едуцираат, но и да уживаат во малите слатки задоволства кои ги подготвивме само за нив.

Караванот оваа година ќе  помине и ќе ги забавува и жителите на: Гевгелија ( 12 -13 јуни), Кавадарци (12-14 јуни),  Македонска Каменица (19-20 јуни) , Берово ( 20 -21 јуни),  Велес ( 26-27 јуни), Битола ( 29-30 јуни) , Крива Паланка ( 27 јуни),   Охрид ( 2-3 јули), Радовиш (4 јули), Крушево (5 јули), Пехчево (9 јули), Кочани (11-12 јули)  и Виница ( 12-13 јули). Секој од овие градови барем неколку денa ќе има можност да ја доживее магијата на уличната уметност и театарот на отворено.

Баскерфест 2015 почна на 12 јуни, а ќе трае се до 13 јули, односно  точно  еден месец жителите на Македонија ќе уживаат во неговата магија.

Фестивалот во Скопје е под покровителство на Град Скопје и го поддржуваме со 900.000 денари.