Вечера 16 сообраќајки во Скопје, 10 лица повредени

Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје изврши увид на вкупно 16 сообраќајни несреќи. Во осум од нив со полесни телесни повреди се здобиле 10 лица. Осум сообраќајки се со материјална штета.

Како што информираа за МИА од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци.

Санкционирани се 13 возачи кои со возилото се движеле со брзина поголема од дозволената, двајца возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, тројца возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци и 22 возачи кои го управувале возилото без возачка дозвола, односно нерегистрирано.

Затекнати се и 67 непрописно паркирани возила и 11 пешаци кои поминале вон пешачки премин, односно поминале на црвено светло на семафор.

Со помош на специјалното возило пајак, во текот вчерашниот ден отстранети се 96 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.

Во рамки на проектот „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници во ООУ „Љубен Лапе“ со учениците од четврто одделение, кое се наоѓа на подрачјето на општина Аеродром.