Магазин

Вечерва доделување на Оскарите

Вечерва доделување на Оскарите

Во Лос Анџелес денеска ќе се одржи 88-мото доделување на филмските награди Оскар. Шоуто ќе се случува во театарот „Долби“ во Центарот „Холивуд и Хајланд“, каде ќе бидат најголемите ѕвезди во филмската индустрија.

Меѓу номинираните се големи актерски имиња: Леонардо Дикаприо, Мет Дејмон, Кејт Бланшет, Џенифер Лоренс, Шарлот Ремплинг, Кејт Винслет, Мајкл Фасбендер, Еди Редмејн, Кристијан Бејл, Силвестер Сталоне, Рејчел Мекадамс.

Членовите на Американската академија на филмска уметност и наука ќе ги наградат најдобрите филмови во 2015-та. Дванаесет номинации има филмот „Повратник”, десет „Побеснетиот Макс“, а седум номинации доби „Марсовец“.

За Оскар за најдобар филм номинирани се: „Мост на шпиони“, „Бруклин“, „Повратник”, „Побеснетиот Макс“, „Марсовец“, „Соба“, „Обложување на столетието“ и „Спотлајт”.

На оскаровската церемонија ќе се појават голем број филмски и музички ѕвезди, како Расел Кроу, Вупи Голдберг, Шарлиз Терон, Морган Фримен, Бенисио Дел Торо, Риз Видерспун, Џулиен Мур, Софија Вергара, Џон Леџенд, Лејди Гага, Д Викенд, Фарел Вилијамс, Сем Смит.

Водител ќе биде популарниот актер, сценарист и режисер Крис Рок, а настанот ќе го пренесуваат над 200  држави во светот.

Преносот на „Ноќ на Оскарите“ во Македонија ќе го емитува ТВ Сител. Ќе почне вечерва околу 23.40 часот. Најпрво ќе биде проследено  пристигнувањето на ѕвездите, а од 1 часот по полноќ ќе почне „Одбројување до Оскарите“ со куси интервјуа со номинираните за Оскар и поранешните добитници пред самиот театар „Долби“. Оскаровското шоу ќе почне во 2.30 по македонско време и се очекува да трае околу четири часа.

Коментатор на преносот ќе биде Миланка Рашиќ, чија агенција „Миракс“ и годинава ги откупи ТВ-правата за емитување на најгламурозниот светски филмски настан. Првиот дел од преносот заедно со Рашиќ ќе го коментира костимографот и моден дизајнер Александар Ношпал.