Вечерва „Смртта на Луј XIV“ на КРИК фестивалот за критичка култура

 

Филмскот фестивал за човекови права кој се одржува во рамки на КРИК фестивалот за критичка култура, вечерва во 20 часот, во Кинотека на Македонија продолжува со филмот „Смртта на Луј XIV“ на режисерот Алберт Сера. Вчера вечер, фестивалот беше отворен со документарниот филм „Аустерлиц“ на украинскиот режисер Сергеј Лозница, што е прв пат во Македонија да се прикаже филм од овој автор, кој последните неколку години важи за едно од најзначајните имиња на европскиот филм.

Филмскиот фестивал на КРИК го отвори селекторот Петар Милат, кој од 2008 е директор на филмскиот фестивал за човекови права во Загреб.

– Филмот на Лозница го вбројувам меѓу петте најдобри филмови за 2016 година и тоа во сите филмски родови, според многумина критичари се работи за  најважниот филм на годинешниот Венециски филмски фестивал и драго ми е што можеме овој автор да го прикажеме и во рамки на фестивалот КРИК во Скопје, рече Милат.

По  проекцијата се одржа и разговор со Никола Гелевски, писател и издавач од Скопје и српскиот писател Бојан Бабиќ, кој говореше и за својата книга  „Илегален Парнас“ Разговорот го водеше Роберт Алаѓозовски, кој рече дека и во филмот и особено во книгата на Бабиќ може да се најдат сличности со монструозниот проект Скопје 2014.

– Напишав книга што се состои од 19 писма, тие писма ги пишува еден архитект кој не е многу талентиран, кој живее некаде во српската провинција и 100 години подоцна му се обраќа на славниот Ле Корбизије кој е најголемиот архитект на 20-от век и кој со своите градби и планови го промени светот многу повеќе од некои други личности, на сите нас ни го донесе ова колективно живеење во згради и еден поинаков поглед на животот во град. Овој мој лик од книгата е опседнат од Корбизије и во своите писма го опишува потфатот што општинските власти во малото српко гратче решаваат да го направат. Се работи за бањско – музејски комплекс кој ќе се вика Парнас и ќе се состои од копии на градбите на Ле Корбизије. Намерно ја избрав застарената форма на писма, кои никој веќе не ги пишува и тоа го покажува нашиот однос кон современоста. Потоа тој архитект прави копии на делата на познат архитект – тоа говори за нашиот однос кон автентичноста. Тие во малото гратче ги бираат тие дела затоа што се модерни, а тие всушност биле модерни пред 50 или 100 години. Па тоа е и еден омаж на сите неталентирани уметници, рече Бабиќ.

На програмата на КРИК фестивалот за критичка култура вечерва е филмот  „Смртта на Луј XIV“,  кој излегува од рамките на меинстрим кинематографијата, а кој сепак е прогласен за едно од највозбудливите остварувања на овогодинешниот филмски фестивал во Кан. Овој филм е исклучително естетско, но и политичко искуство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.