Вечерва контролен натпревар Македонија-Израел

Ракометната репрезентација на Македонија по неколку дневните подготовки попладнево ќе го одигра и првиот контролен дуел против селекцијата на Израел.

Натпреварот се игра во СЦ „Јане Сандански“ (почеток 17:45 часот), а за селекторот Ивица Обрван ова е можност да ја провери формата на репрезентативците.

– На дуелите со Израел сите играчи ќе имаат одредена минутажа. Овој противник е вистинскиот за овој дел од подготовките. Секако ова ќе биде проверка за тоа што не очекува најпрвин на турнирот во Франција и потоа на Светското првенство во Катар, изјави Обрван.

Покрај денешниот натпревар Македонија и Израел и утре од 18 часот ќе одиграат уште еден натпревар, но од затворен тип што е вообичаено бидејќи репрезентациите треба да ги проверат и резервните варјанти.

Покрај овие два дуела, Македонија на 9 и на 10.јануари ќе настапи на турнир во Нант, Франција. Првиот ден нашата репрезентација ќе игра против Алжир, а потоа во зависност од исходите на дуелите следен ривал ќе биде една од селекциите на Франција (домаќин) и Аргентина.

Денешниот дуел со Израел е со хуманитарен карактер и приходот од влезниците ќе биде наменет за децата од СОС Детското село.