Вечерва почнува културно лето „Три круши“

Со голем концерт  на  оркестарот на народни инструменти, големиот народен оркестар  и оркестарот „Чалгии“, заедно со вокалните солисти Анастасија Петреска, Владимир Попоски и Елена Ѓеорѓиева, вечерва во 20.30 часот на локацијата Три круши, започнува 9 -то издание на Културното лето на општина Кисела Вода „Три круши 2014”.

Во рамки на едномесечната програма се предвидени голем број на концерти на еминентни музичари,  театарски претстави  и филмски проекции, настапи на културно-уметнички друштва.

И оваа година, традиционално , главната улога ќе им биде доделена на македонските пејачи, актери, играорци, уметници, бидејќи оваа манифестација носи македонски предзнак и ги афирмира македонските вредности, традиции и култура.

Учесници на манифестацијата  ќе бидат  Сузана Спасовска, Академци, квартетот „Македонска душа“ предводен од  Зоран Џорлев,  Ѓоко Танески, Миле Кузмановски, КУД Китка, ансамблот Македонија, театарот „Пампур“ и емитувањето на филмот „Трето полувреме“ кои се распоредени во петоците и саботите, со почеток во 20.30 часот. Театарската претстава „Не се клади на Енглези” во кои ќе ги видиме Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски ќе се емитува во недела, на 20 јули, а за љубителите на спортот, општина Кисела Вода на 13 јули со почеток во 21 часот, организира заедничко следење на финалето на Светското фудбалско првенство во Бразил, преку голем видео бим.

Културното лето „ Три круши 2014” ќе трае се до 26 јули.