Вечерва премиера на „До балчак“

„До балчак” или Приказна од Дивиот исток е историски спектакл.

Најновото македонско филмско остварување „До балчак” на режисерот Столе Попов вечерва премиерно ќе биде прикажан во Скопје во киното „Милениум“.

Приказната се случува во првата декада од 20 век: сурова, романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на поединецот.

Сценариото на филмот е на Горан Стефановски, продуцент е Данчо Чеврески. Во филмот настапуваат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мартин Јордановски, Сенко Велинов, Инти Шрај, Драган Спасов, Гораст Цветковски, Владо Јовановски, Ана Костовска и други.

Филмот се снимаше летото во 2012 година на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп.

„До балчак“ премиерно беше прикажан на 14 септември на 35-от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

По скопската премиера, филмот ќе биде на редовниот репертоар на киното „Милениум“, а од почетокот на идната недела ќе се дистрибуира во сите градови во Македонија.