Магазин

Вечерва првото полуфинале на Евровизија, Македонија настапува во четврток

Вечерва првото полуфинале на Евровизија, Македонија настапува во четврток

Вечерва ќе се одржи првата полуфинална вечер на изборот за песна на Евровизија, кој годинава се одржува во Копенхаген, Данска.

Пред околу 10 илјади луѓе и 180 милиони гледачи ширум светот, во салата “B&W”, 16 земји вечерва во 21 часот ќе се борат за влез во големото финале кое ќе се одржи во сабота на 10-ти мај.

„Придружете ни се – во срцето на дијамантот“ е овогодинешниот слоган на домаќинот.

Вечерашното шоу кое е 59. по ред ќе го пратат 22 камери, а дури 32 видео проектори ќе емитуваат содржина на позадината на сценографијата.

Сцената е висока неверојатни 40 метри, а во реализацијата на проектот се вклучени 700 луѓе и дополнителни 500 волонтери. Акредитирани се околу 1.600 новинари од повеќе од 80 земји.

Шоуто ќе го отвори Емили де Форест, актуелната победничка на минатиот избор за песна на Евровизија.

Вечерва на сцената ќе настапат Ерменија, Латвија, Естонија, Шведска, Исланд, Албанија, Русија, Азербејџан, Украина, Белгија, Молдавија, Сан Марино, Португалија, Холандија, Црна Гора и Унгарија.